План за конечна елиминација на HCFC во Република Македонија
Планот за елиминација на HCFC супстанции во Република Македонија дефинира насоки за редукција и конечна елиминација на HCFC – супстанции класифицирани во Анексот С на Монтреалскиот протокол за супстанциите што ја осиромашуваат озонската обвивка. Toj содржи извештај за состојбата со управувањето со супстанциите што ја осиромашуваат озонската обвивка со посебен акцент на HCFC во Република Македонија и стратегија и план за имплементација на конечна елиминација на HCFC во Македонија. Документот е поддржан со временска рамка и финансиска конструкција.
Планот за елиминација на HCFC супстанции во Република Македонија е усвоен од страна Владата на Република Македонија во ноември 2011 година. Во рамките на неговата имплементација подготвен е Прирачник за елиминација на HCFC ладилни средства и методологија за спроведување на обуките за елиминација на HCFC ладилни средства и одржана серија на работилници за добра пракса при ракувањето со разладните средства и уреди за сервисерите на ладилни уреди за 379 сервисери на разладни уреди.
Исто така, во рамките на проектот, изработен е Прирачник за цариници „Контрола на супстанциите што ја осиромашуваат озонската обвивка“. Во серијалот на тренинзи обучени се 96 цариници од сите гранични премини на територијата на Република Македонија.
Опрема за собирање и рециклирање на средства за ладење на бесплатно користење доделена е на 55 сервиси на опрема за ладење. Во истата прилика три средни технички училишта добија демонстрациона единица за практична настава во областа на ладилната техника и обучени се 40 професори за принципите на добрата сервисна пракса.
Конверзија од HCFC-141b во HFCs во производството на полиуретански пени за комерцијални единици за ладење, сендвич-панели и изолирани врати
Со овој проект се елиминира потрошувачката на HCFC-141b во производството на цврсти полиуретански пени за изолација кај четири компании во Република Македонија. Новата технологија која се аплицира кај произоводството на комерцијални единици за ладење, сендвич-панели и изолирани врати се базира на апликација на хемикалии кои немаат потенцијал на осиромашување на озонската обвивка, ниту предизвикуваат ефект на стаклена градина.